Одбележан Светскиот ден без автомобили

Во рамки на Европската недела на движење и во пресрет на Светскиот ден без автомобили – 22 Септември, во центарот на Скопје денеска се одржа велосипедско дефиле. Почна од плоштадот „Пела“ и заврши на Школка во Градскиот парк, каде што им беа доделени награди на осумина од над илјада учесници.

Целта на настанот е да се поттикнат жителите на главниот град да ги остават автомобилите и повеќе да го користат јавниот превоз или алтернативен – пеш и велосипед. Тоа ќе ја заштити животната средина и амбиенталниот воздух од од штетни гасови и од бучава.

Според податоците, Скопје годишно е загадено од 45.000 тони загадувачки материи или 75 килограми по глава на жител, а само 2 отсто од наслението се превезува со велосипед. За да се зголеми интересот за редовно или рекреативно возење, изградени се посебни патеки и отворени пунктови за изнајмување велосипеди.

Заменик-министерот за животна средина Стево Темелковски посочи дека Македонија години наназад е дел од оваа европска кампања. – Во оваа 2012 може да се пофалиме со низа активности – не само што е подигната свеста за алтернативните превозни средства во секојдневниот живот, туку се обезбедија и инфраструктурни услови за нивно едноставно и безбедно користење, рече Темелковски.

Осуммина учесници по случаен избор на нивните редни броеви во дефилето добија велосипеди од компанијата „АрцелорMиттал“.